Skriv ut

Грчкиот сојуз во Шведска гласаше против приемот на Македонскиот сојуз во членството на најголемата имигрантска организација во оваа земја - СИОС.

Од канцеларијата на СИОС објаснуваат дека Македонскиот сојуз ги исполнува сите критериуми за прием, но единствената пречка биле забелешките од грчките претставници околу името што го носи македонската имигрантска организација.

- Со одлуката да ја отфрли молбата на Македонскиот сојуз за прием во членството, СИОС практично ги погази сопствените клучни принципи за кои нашироко се залага - рече за „Дневник“ Јован Божиновски, претседател на Македонскиот сојуз во Шведска.

Ова е првпат да се блокира пристапот и учеството на Сојузот на македонските друштва и клубови во разгранетите форми на здружување во рамките на невладиниот сектор во земјата. Гласањето на годишните собранија на СИОС е со консензус, така што грчкото спротивставување било доволно да се блокира молбата на Македонскиот сојуз.

- Ќе реагираме на сите нивоа со писмо до владата, до надлежните органи за доделување на буџетски дотации и до медиумите. Сосема е јасно дека не можеме да се помириме со ваков третман во една земја со високи демократски стандарди - вели Јован Божиновски.

Македонскиот сојуз во Шведска е формиран во 1992 година и ги репрезентира интересите на 15-илјадната македонска заедница во таа нордиска земја. Во Македонскиот сојуз членуваат 12 друштва и клубови.

Од формирањето на македонската имигрантска сојузна организација во Шведска, сега првпат се оспорува нејзиниот статус и дејност врз база на името што го носи и под кое е регистрирана и признаена од страна на шведската влада и надлежните државни органи.

Во Шведска функционираат над педесет имигрантски организации, финансирани од буџетот, а 16 од нив, меѓу кои грчкиот, италијанскиот, српскиот, полскиот, иранскиот, турскиот и курдскиот сојуз, доброволно се обединети во СИОС, орган за соработка на етнички организации во Шведска.

Целта на СИОС е да ги обедини интересите на разните етнички групи во Шведска и со тоа да го зајакне нивното присуство на сите нивоа во општеството. Дејноста опфаќа три клучни подрачја: заштита на јазикот, културата и идентитетот, јакнење на демократијата и унапредување на рамноправноста и мултикултурализмот.

Ивица Челиковиќ
(Дневник)